Со еден клик до сите услуги

https://uslugi.gov.mk/

Историски Колективен договор – Платите на административните службеници ќе пораснат до 40 проценти

Историски Колективен договор – Платите на административните службеници ќе пораснат до 40 проценти

Министерството за економија и труд, предводено од министерот Бесар Дурмиши, заедно со Синдикатот на администрација, државна управа и правосудство (САДУ), претставуван од Благоја Ралповски, и Синдикатот на работниците од управата, правосудните органи и здруженијата на граѓани (УПОЗ), претставуван од Трпе Десноски, денеска склучија Колективен договор за вработените во Министерството. 

Потписниците го оценија договорот како историски, имајќи предвид дека станува збор за прв Колективен договор потпишан во рамки на ова Министерство. 

Со овој договор значително се унапредуваат правата на вработените, обезбедувајќи поповолни услови од досегашните законски решенија и важечките колективни договори во јавниот сектор. Документот опфаќа нови и проширени права, со цел подобрување на статусот и условите за работа. 

Клучната новина е значителното зголемување на платите на административните службеници, кое ќе се реализира во три фази започнувајќи од март 2026 година до март 2028 година. 

Со тоа, вкупното зголемување ќе достигне до 40% во наредните три години. 

Платите на вработените кои немаат статус на административни службеници ќе се уредуваат согласно Законот за минимална плата и општите прописи за работни односи. 

Дополнително, Колективниот договор предвидува и низа бенефити за вработените, меѓу кои: додатоци за ноќна и сменска работа, работа за време на празници и прекувремена работа, јубилејни награди, заштита од вознемирување на работното место, унапредени мерки за безбедност и здравје при работа, како и појасно уредување на платените и неплатените отсуства. 

Со потпишувањето на овој договор, Министерството за економија и труд и социјалните партнери испраќаат силна порака за заедничка посветеност кон унапредување на работничките права, зајакнување на социјалниот дијалог и градење модерна, ефикасна и правична јавна администрација.

Мени за пристапност