Министерот за економија и труд, Бесар Дурмши, денеска оствари работна средба со главниот извршен директор на „Централ Азија Металс“ (ЦАМЛ), Гавин Ферар. На средбата присуствуваше и директорот за одржливост на Рудник САСА, Ивица Талевски.
Разговорите беа насочени кон досегашниот развој на рударскиот комплекс „САСА“, кој е една од најзначајните компании во рударската индустрија во државата, како и кон плановите за понатамошни инвестиции и примена на меѓународни стандарди во одржливото работење.
ЦАМЛ е во процес на завршување на повеќегодишна програма за капитални инвестиции во САСА, во вкупна вредност од приближно 47 милиони американски долари. Оваа програма има за цел воведување нови рударски методи и усогласување на складирањето на минералниот отпад со најдобрите меѓународни практики.
Менаџментот на компанијата го информираше министерот Дурмши за досегашните резултати од работењето и потенцијалот за понатамошен раст, вклучително и во делот на заштита на животната средина и подобрување на условите за работа на вработените. Притоа беше истакнато дека создавање на поволни услови за натамошен одржлив развој на рудникот и неговиот придонес за локалниот економски развој во Македонска Каменица остануваат врвен приоритет на компанијата.
Министерот Дурмши ја нагласи поддршката од Владата за сите инвеститори кои покажуваат долгорочна визија и одговорност кон локалната заедница.
„Со успешни инвестиции како оваа, ја зајакнуваме економијата, обезбедуваме услови за стабилни работни места и испраќаме јасна порака дека Северна Македонија е сигурна и атрактивна дестинација за инвестирање. За нас како министерство и Влада секое работно место значи подобар стандард за граѓаните“, рече министерот.
На средбата, соговорниците се согласија дека клучно е продолжувањето на соработката во насока на развој на рударската индустрија со почитување на највисоки стандарди за здравје и безбедност на работниците, како и заштита на животната средина.
„Централ Азија Металс“ е компанија што котира на Лондонската берза и од ноември 2017 година е сопственик на рудникот за олово и цинк „САСА“ во Македонска Каменица, каде работат околу 800 вработени, а во просек платите се за приближно 60 проценти повисоки од просечната исплатена плата во земјава. Од почетокот на инвестицијата до денес, компанијата платила 95,5 милиони долари за даноци, инвестирала над 80 милиони долари во развојот на САСА и дополнително вложила над 2,4 милиони долари во локалната заедница.