Агенцијата за вработување, во координација со Министерството за економија и труд, ги објави новите јавни повици од Оперативниот план за активни програми и мерки за вработување и услуги на пазарот на трудот за 2025 година.
Со овогодинешниот план Владата вложува рекордни над 40 милиони евра за поддршка на активното вработување, преквалификација, самовработување и поддршка на претприемништвото. Преку мерките се очекува опфат на повеќе од 16.000 невработени лица низ различни програми, обуки и субвенционирани можности за вработување.
Новите јавни повици се дел од Оперативниот план за активни програми и мерки за вработување и услуги на пазарот на трудот за 2025 година, со кој Владата продолжува со континуирана поддршка на активното вработување, преквалификациите и развојот на човечкиот капитал. Целта на овие мерки е поттикнување на претприемништвото, унапредување на вештините и полесна интеграција на невработените лица на пазарот на трудот.
Првата мерка, „Напредни бизнис обуки“ (мерка 3.6), е наменета за лица до 45 години кои сакаат да стекнат нови знаења и вештини во областа на бизнисот и професионалниот развој, со цел зголемување на нивната конкурентност и побрзо вработување. Во рамки на оваа пилот-мерка предвидено е вклучување на 120 невработени лица, а за неа се издвоени 13,8 милиони денари. Обуките се лиценцирани и завршуваат со признаен меѓународен сертификат. Програмата вклучува четири насоки: „Marketing Specialist with AI Applications“, „Materials Control Specialist“, „Project Manager“ и „Quality Control Specialist“. Невработените лица можат да аплицираат за учество до 30 ноември 2025 година или до пополнување на предвидениот број на кандидати.
Втората мерка, „Обуки за претприемништво, бизнис планирање и развој на бизнис вештини“ (мерка 3.5), овозможува обуки за лица кои сакаат да развијат или започнат сопствен бизнис. Обуките ќе траат четири дена, со вкупно 24 часа настава, а ќе се реализираат според програма што ги опфаќа сите клучни аспекти на водење бизнис – од концептот на претприемништво и дигитализација, до финансии, продажба, маркетинг и инвестициски план. Предвиден е опфат од 500 лица, со буџет од околу 4 милиони денари. По завршувањето на обуките, учесниците ќе добијат сертификат што им овозможува вклучување во програмата за самовработување, директно во фазата на изработка на бизнис-план.
Заинтересираните лица може да поднесат пријава во најблискиот Центар за вработување до 30 ноември 2025 година. Министерството за економија и труд и Агенцијата за вработување остануваат посветени на реализацијата на мерки кои овозможуваат нови можности за вработување, поттикнуваат иновации и го поддржуваат развојот на човечкиот потенцијал.
Повеќе информации се достапни на веб-страницата www.avrm.gov.mk