Заменик-министерот за економија и труд, Марјан Ристески зеде учество на панел дискусија во рамки на Саемот за женско претприемништво ЕКСПО 2025 Скопје кој е во организација на UN Women.
На панел дискусијата со работен наслов „Заедничко обликување на иднината на бизниси водени од жени“, покрај Ристески учество зедоа и Бен Нупнау - заменик амбасадор на Делегацијата на Европска Унија, Весна Ивановиќ-Кастаред - раководителка на канцеларијата на UN Women во Македонија и Валентина Дисоска - Претседателка на Асоцијата на бизнис жени на Македонија.
На панелот соговорниците дискутираа за состојбите со женското претприемништво во Македонија, развојот на компаниите водени од жени и надминување на административните бариери со кои се соочуваат во нивното делување.
Ристески во своето обраќање се осврна на активностите на Владата и министерството за економија и труд преку кои се промовира и поддржува подобрувањето на финансиската вклученост на жените во економската сфера, пред се во зголемувањето на пристапот до изворите на финансирање за започнување и проширување на бизниси, бидејќи тоа создава можности за поголемо претприемништво, инвестирање и активно учество во економијата. Тој апелираше до присутните да ги следат јавните повици и активните мерки на министерствата кои се наменети за женските претприемачи, да аплицираат и да ги искористат поволностите кои ги нуди Владата на Македонија.
Министерството за економија и труд и понатаму ќе поддржува и креира политики, мерки и активности кои ќе придонесат кон унапредување и промоција на финансиската вклученост на жените, како дел од пошироките напори за создавање одржлив и инклузивен економски развој.
Саемот за женско претприемништво ЕКСПО 2025 е организиран од страна на UN Women во Македонија и Европската банка за обнова и развој (ЕБОР), а истиот е финансиран од програмата на Европската Унија „ЕУ за родова еднаквост: Економско зајакнување на жените и стопирање на насилството против жените“ (EU4GE).