Заменик-министерот за економија и труд Марјан Ристески ќе престојува во работна посета на Будва (Црна Гора) каде што ќе учествува на Конференцијата „Лансирање на Индексот на политики за мали и средни претпријатија 2026 за Западен Балкан и Турција“.
Во рамки на Конференцијата, која е во организација на Организацијата за економска соработка и развој (OECD), министрите одговорни за развој на бизнисот, конкурентност и економски прашања на земјите од Западен Балкан и Турција, земјите-членки на ОЕЦД и ЕУ, Европската комисија, како и претставници од меѓународни и регионални партнерски организации, ќе дискутираат за политиките кои го поддржуваат развојот, конкурентноста и отпорноста на малите и средни претпријатија во регионот.
Заменик-министерот Ристески на Конференцијата во Будва ќе се осврне на реформите што ги презема земјата во однос на подобрување на условите за развој на малите и средните претпријатија, како и приоритетните цели за развој на овој сектор содржани во Националната стратегија за мали и средни претпријатија 2025-2030 година.
Во рамки на Конференцијата ќе биде претставен 7-от извештај за „Индексот на политики за мали и средни претпријатија: Западен Балкан и Турција 2026“ кој содржи сеопфатна проценка на политиките за поддршката на малите и средните претпријатија во повеќе области, како што се пристапот до финансии, дигиталната трансформација, развојот на вештини, иновациите и зелената транзиција.