Со еден клик до сите услуги

https://uslugi.gov.mk/

Заменик-министерот Ристески се обрати на отворањето на Првиот Бизнис форум во општина Делчево „Заедно да подадеме рака на развојот“

Заменик-министерот Ристески се обрати на отворањето на Првиот Бизнис форум во општина Делчево „Заедно да подадеме рака на развојот“

Заменик-министерот за економија и труд, Марјан Ристески денес учествуваше на Првиот Бизнис форум во Општина Делчево, каде се обрати пред поголем број на стопанственици од Пијанечко-Малешевскиот регион, како и од соседна Република Бугарија. 

Првиот Бизнис форум „Заедно да подадеме рака на развојот“ се организира со цел поврзување на локалната бизнис-заедница, институциите и потенцијалните инвеститори, како и за размена на идеи и иницијативи насочени кон економската соработка и развој на општина Делчево и регионот. 

- Организирањето на ваквите бизнис форуми се одлична можност за вмрежување на компаниите и инвеститорите, но и поврзување на бизнис-заедницата и институциите што може да резултира со создавање на нови економски можности и инвестициони иницијативи. Сметам дека општина Делчево, како и останатите општини од Пијанечкиот и Малешевскиот регион имаат многу што да понудат на инвеститорите од Македонија и Бугарија, дека постои голем потенцијал за економска соработка, а секако треба да се искористат и можностите за прекуграничната соработка – кажа заменик-министерот Ристески. 

Во рамки на форумот присутните имаа можност да земат учество во повеќе панел-дискусии од областа на процесите на иновации и дигитализација во стопанството, можностите за соработка со соседните региони, потенцијалите за развој и пласман на локални производи, а се одржаа и директни „B2B“ средби помеѓу компаниите. 

Пред присутните претставници на бизнис секторот од Македонија и Бугарија градоначалникот на Делчево, Иван Гоцевски ги презентираше можностите за инвестирање во општината и регионот. Гоцевски потенцираше дека покрај можностите за зголемена соработка во туристичко-угостителската област, постои и голем потенцијал за зголемена соработка и инвестиции и во останатите економски области и индустрии. 

На Првиот Бизнис форум во Делчево „Заедно да подадеме рака на развојот“ учество зедоа повеќе компании од Македонија и Бугарија, а истиот беше во организација на Општина Делчево и Македонско-Бугарска Стопанска Комора. 

Овој Форум е одлична платформа за продлабочување на економската соработка меѓу компаниите од двете земји и истата може да придонесе во воспоставувањето на нови партнерства и интензивирање на трговската и инвестициската размена.

Мени за пристапност