Со еден клик до сите услуги

https://uslugi.gov.mk/

Средба на државните секретари Адеми и Шимоњак: Нови можности за трговија, инвестиции и пазарни реформи меѓу Северна Македонија и Словачка

Средба на државните секретари Адеми и Шимоњак: Нови можности за трговија, инвестиции и пазарни реформи меѓу Северна Македонија и Словачка

Државниот секретар на Министерството за економија и труд, Јумни Адеми, денес во Скопје оствари билатерална средба со државниот секретар на Министерството за економија на Словачката Република, Владимир Шимоњак. На средбата се разговараше за продлабочување на економската соработка, размена на искуства во реформите и отворање нови можности за инвестирање и трговија меѓу двете земји.

Адеми истакна дека Северна Македонија е во фаза на спроведување на широки економски и пазарни реформи како дел од процесот на пристапување кон Европската Унија. Новата структура на Министерството за економија и труд, која ги обединува економската и трудовата политика, овозможува поефикасна координација на мерките за вработување, заштита на работничките права и развој на приватниот сектор.

Во последните години земјата бележи видлив напредок: стапката на невработеност во 2024 година се намали на 12,4%, додека кај младите таа изнесува 29%. И покрај предизвиците со неформалната економија и недостигот на соодветни вештини, Северна Македонија останува отворена и извозно ориентирана економија, со производство како носечки столб на надворешната трговија.

Странските директни инвестиции во 2024 година го надминаа износот од една милијарда евра, што ја потврдува довербата на инвеститорите, особено во секторите за автомобилски компоненти, електроника и лесна индустрија – најчесто лоцирани во слободните економски зони.

Економските односи меѓу Северна Македонија и Словачката Република бележат континуиран раст. Во 2024 година, македонскиот извоз во Словачка надмина 200 милиони евра (главно изолирани жици, автомобилски делови и машини), додека словачкиот извоз кон нашата земја достигна 80 милиони евра. Вкупната трговска размена расте со годишна стапка од 37% од 2017 година, што покажува силен потенцијал за натамошно проширување на индустриската соработка и интеграцијата на двете економии во европските синџири на снабдување.

Двајцата државни секретари се согласија дека Словачката Република, како успешен пример за транзиција во конкурентна европска економија, е значаен партнер за Северна Македонија. Особено релевантни се словачките искуства во реформата на пазарот на труд, модернизацијата на регулативите, поддршката за малите и средни претпријатија и промоцијата на инвестиции.

Како приоритетни области за соработка беа издвоени:

-Подобрување на деловната клима и конкурентноста на малите и средни претпријатија, преку размена на искуства за намалување на административните бариери, поттикнување на иновации, кластери и извозна поддршка;

-Индустриска соработка, трговија и инвестиции, со фокус на B2B поврзување меѓу македонски и словачки компании и промоција на словачки инвестиции во слободните економски зони и приоритетните производствени сектори;

-Пазарен надзор и заштита на потрошувачите, преку јакнење на институционалната соработка и размена на искуства во дигитализацијата на надзорот, примената на модели базирани на ризик и усогласување со европските стандарди за безбедност и фер конкуренција.

Северна Македонија очекува поддршка од словачката страна во подобрување на регулаторните и инспекциските системи, дигитализација на пазарниот надзор, формализирање на неформалната економија и развој на инклузивни политики за вработување, засновани на словачките најдобри практики.

На средбата беше изразена заедничка подготвеност за потпишување билатерален Меморандум за разбирање, кој ќе воспостави рамка за структурирана и долгорочна институционална соработка меѓу двете министерства, како и за заедничко учество во европски програми за техничка помош и twinning проекти.

Мени за пристапност