На покана на организацијата Занаетчиската комора – Скопје, заменик-министерот за економија и труд Марјан Ристески денес во комората ги презентираше активните мерки од Оперативниот план за вработување за 2026 година.
Во моментов активни се два јавни повици од Оперативниот план, првиот е за подмерката „Вработување и раст на правни субјекти“, додека втората е „Обука на работно место кај конкретен работодавач“.
- Мерката „Обука на работно место кај конкретен работодавач“ има за цел да ги подобрат вештините и квалификациите на невработените лица за нивна поуспешна интеграција на пазарот на труд. Со оваа мерка е предвидено да бидат опфатени 50 невработени лица, кои во период од 3 месеци ќе поминат обука кај конкретен работодавач. За овој период лица што ќе посетуваат обука ќе добијат месечен надоместок во висина од 12.000 денари со вклучено осигурување, додека на работодавачот ќе му биде исплатен еднократен износ од 30.000 денари по обучено лице по завршена обука – кажа заменик-министерот Ристески.
По завршување на обуката, работодавачот има обврска да вработи најмалку 50% од лицата вклучени во обуката со полно работно време во траење од најмалку 3 месеци. Максималниот број на лица за вклучување во обука е 3 лица доколку се пријави работодавач со еден вработен. Максималниот број на лица за вклучување во обука кај еден работодавач изнесува 12 лица во зависност од бројот на вработени лица.
Јавниот повик е „Обука на работно место кај конкретен работодавач“ трае до 30.11.2026 година или до потполнување на планираниот опфат на лица.
Со вториот јавен повик „Вработување и раст на правни субјекти“ се дава поддршка во креирање на нови работни места во микро, мали и средни претпријатија, социјални претпријатија и граѓански организации. Со мерката една компанија може да аплицира за најмногу 5 нови работни места, а сумата варира според категоријата на лица од 160.000 до 250.000 денари, што значи дека најголемата поддршка за една компанија може да биде до 1.250.000 денари.
Јавниот повик за мерката „Вработување и раст на правни субјекти“ е активен до петок (24 јули 2026 година).
Претседателот на Занаетчиската комора – Скопје Горан Ристов ги повика занаетчиите доколку имаат интерес за мерките да аплицираат и да ја искористат предвидената поддршка.
За сите информации, постапки и потребни документи за аплицирање на јавните повици сите заинтересирани лица и работодавачи можат да добијат во работните клубови на 30-те Центри за вработување на Агенцијата за вработување на Република Македонија, контакт центарот 02-3111-850 и веб-страната (https://av.gov.mk/).