Заменик-министерот за економија и труд, Марјан Ристески денеска оствари работна средба со претставници на најголемите стопански комори, Стопанската комора, Стопанската комора на Северозападна Македонија и Сојузот на стопански комори на Македонија.
На средбите Ристески пред присутните ја презентираше мерката од јавниот повик „Вработување и раст на правни субјекти“ во рамки на Оперативниот план за вработување, преку која се дава поддршка во креирање на нови работни места во микро, мали и средни претпријатија, социјални претпријатија и граѓански организации.
- Креирањето на нови работни места е приоритет за Владата и Министерството за економија и труд, а годинава преку Оперативниот план за активни програми и мерки за вработување и услуги на пазарот на трудот за 2026 година создаваме повеќе од 3.500 нови работни места. Со мерката „Вработување и раст на правни субјекти“ обезбедуваме поддршка на компаниите за зголемување на бројот на вработени, годинава со оваа мерка ќе бидат опфатени 1385 лица, а вкупниот буџет изнесува 332.650.000 денари или околу 5,4 милиони евра – кажа заменик-министерот Ристески.
Со јавниот повик една компанија може да аплицира за финансиска поддршка за најмногу 5 работни места и вкупна поддршка од 800.000 денари до 1.250.000 денари во зависност од целната група и од бројот на одобрени вработувања. И оваа година најголема финансиска поддршка од 250.000 денари се предвидува за вработување на младо лице до 29 години.
Ристески и претставниците на стопанските комори апелираа до сите компании кои имаат интерес и ги исполнуваат предвидените услови да аплицираат во некој од центрите на Агенцијата за вработување.
Јавниот повик е отворен до 24 јули 2026 година
Детални информации можат да се добијат во работните клубови на Центрите за вработување, на контакт телефон 02/3111-850 како и веб страните на Агенцијата за вработување на Република Македонија (https://av.gov.mk/).