Заменик-министерот за економија и труд, Марјан Ристески на покана на градоначалничката на Кисела Вода, Бети Стаменкоска-Трајкоска присуствуваше на настанот настанот „Градиме доверба и вмрежување на деловните луѓе од општина Кисела Вода“ каде присуствуваа голем број на претставници на бизнис-секторот во оваа скопска општина.
На настанот заменик-министерот Ристески презентираше дел од мерките кои Владата и министерството за економија и труд ги нудат за поддршка за домашното стопанство и плановите за 2026 година.
- Во 2026 година министерството за економија и труд ќе ги поддржи домашните компании за нивен раст и развој со цел зголемување на нивните капацитети со што тие би биле поконкурентни како на домашниот така и на меѓународниот пазар. И оваа година во рамките на Оперативниот план за вработување компаниите ќе имаат повеќе мерки на располагање, како што се финансиската поддршка за зголемување на бројот на вработени во микро, малите и средните претпријатија, како и поддршка за зелените инвестиции и „зелената транзиција“ на компаниите. Од оваа година новитет се и мерките кои произлегуваат од Законот за финансиска поддршка на инвестициите каде за компаниите е предвидена финансиска помош со цел поттикнување на економски раст, отворање нови работни места и зголемување на конкурентноста – кажа заменик-министерот Ристески.
Градоначалничката Стаменкоска-Трајкоска на средбата изјави дека Кисела Вода е транспарентна општина со одлична комуникација и однос кон бизнис секторот. Таа додаде дека во наредниот период ќе се формира Регистар на компании од општината со цел подобра комуникација, побрзо информирање и полесно вмрежување меѓу фирмите.
Ристески и градоначалничката Стаменкоска Трајкоска ја потенцираа важноста за унапредувањето на локалната бизнис-клима преку реализација на проекти и мерки од локалните и државните институции. Токму локалните микро, мали и средни компании се од голема важност за севкупната економска состојба во државата бидејќи тие се главниот катализатор на економскиот раст, обезбедуваат можности за вработување за голем дел од населението и играат витална улога во поттикнувањето на иновациите, регионалниот развој и општествената одговорност.