Заменик-министерот за економија и труд, Марјан Ристески се обрати на отворањето на третиот Саем за мало стопанство во Куманово, настан на кој занаетчии, претставници на микро и мали претпријатија и семејни компании имаа можност да ги презентираат и изложат нивните производи во Занаетчискиот дом во Куманово.
На отворањето на саемот, покрај заменик-министерот Ристески, присутните ги поздравија и градоначалникот на Куманово, Максим Димитриевски и Претседателот на регионалната занаетчиска комора од Куманово, Агрон Фазлији.
Во своето обраќање заменик-министерот Ристески истакна дека ваквите манифестации се потребни за зачувување и промоција на занаетчиството, кои се неразделен дел од нашата култура и традиција, а се осврна и на мерките кои министеството за економија и труд ги реализира за помагање на занаетчиите и занаетчиските здруженија.
- Министерството за економија и труд во континуитет ги поддржува занаетчиите и занаетчиските комори преку голем број на мерки во Програмите на нашето министерство, како што се субвенции за занаетчиите за набавка на алат и опрема, како и поддршка за кофинансирање на проекти на занатчиските комори и фондациите кои се однесуваат на јакнење на капацитетите на занаетчиите за подобрување на нивната конкурентност. Дополнително, на сите занаетчии на располагање им се и мерките од Оперативниот план за вработување каде можат да аплицираат за подолнителна помош и средства – кажа Ристески.
Саемот на мало стопанство е во организација на Регионалната занаетчиска комора и општина Куманово, а целта на Саемот е да промоција на локалното производство, занаетчиството и рачните изработки.