Заменик-министерот за економија и труд, Марјан Ристески денес оствари средба со делегација од Република Австрија, составена од Харалд Бреза-Фугер, Аташе за социјални прашања, здравство, нега и заштита на потрошувачи при австриската амбасада во Скопје, Петра Драксл, Директор на агенцијата за вработување на Австрија, Јорг Миртл од министерството за труд, социјални работи, здравствена заштита и заштита на потрошувачи и Џудит Марте-Хуаниг од агенцијата за вработување на Австрија.
На средбата се разговараше за продлабочување на соработката помеѓу двете држави, ресорните министерства и агенциите за вработување во областа на трудот, со посебен фокус на зелената економија, зелената транзиција на компаниите и создавањето на нови зелени работни места во Македонија.
Во рамки на посетата се дискутираше и за одржувањето на работилница на тема „Создавање на зелени работни места во Македонија“ која ќе се одржи во Скопје на 12 и 13 ноември и ќе се фокусира на создавање зелени работни места во областа на управувањето со отпад, во националните паркови, во руралните средини и во развојот на одржлив туризам. Во рамки на дводневната работилница предвидено е одржување на презентации, пленарни сесии и панел-дискусии, во кои ќе учествуваат експерти од Австрија и претставници на засегнатите страни — министерства, општини, агенции, национални паркови, граѓански организации и здруженија.