Продолжува поддршката во промовирање на една од најдлабоките пештери - Врело, како туристичка атракција Скопје, 09.07.2010
Министерот за економија Фатмир Бесими и претседателот на Спелеонуркачкиот клуб „Врело“, Киро Ангелески потпишаа Договор за заедничка соработка со кој ќе се овозможи финансиска поддршка при истражувањето на пештерата Врело кај Матка, кое ќе продолжи и оваа година со меѓународна експедиција составена од спелеонуркачи од Италија, Белгија и Македонија.
Станува збор за поддршка во вредност од 300 илјади денари за промоција, истражување и заштита на пештерата, како продолжение на соработката која што започна минатата година, кога Министерството за економија на овој клуб им додели 80 илјади денари, за истражувачки активности на туристичка атракција.
Истакнувајќи го значењето на овој договор за соработка меѓу Министерството за економија и Спелеонуркачкиот клуб „Врело“, во насока на промовирање на една од најдлабоките пештери како туристичка атракција, министерот Бесими рече: „Со потпишувањето на овој Договор овозможуваме континуитет во остварувањето еден од моите приоритети како министер за економија - унапредување на туризмот и квалитетна промоција на природните и културните вредности, за подобрување на целокупниот имиџ на Македонија. Годинава министерството ќе поддржи изработка на веб страна за пештерите и спелеологијата во Македонија, што ќе придонесе за промоција на овие наши природни и туристички атракции, а материјалите, сликите и филмовите од истражувањето кои ќе бидат доставени до министерството, ќе се користат за изработка на промотивни материјали.“
Во текот на минатогодишните истражувања од страна на меѓународната експедиција беше достигната длабочина од 190 метри, а од аргументите кои беа собрани во текот на истражувањето, се’ повеќе се потврдува тезата дека оваа пештера ќе достигне длабочина преку 300 метри.
Во контекст на значењето на оваа пештера, претседателот на клубот Киро Ангелески истакна: „Пештерата Врело, заедно со Охридското Езеро, токму минатата година учествуваа на глобалниот натпревар за избор на новите 7 светски чуда, и од 261 номинирани кандидати стигнаа до полуфиналето, односно до листата од 77 полуфиналисти. Од друга страна, значењето на пештерата Врело е повеќестрано. Кањонот на Матка е локација на над илјада растителни видови од кои 20 отсто се ендемски, како и различни видови пеперутки кои не се најдени никаде на друго место во Европа. Затоа и поддршката што ја добиваме од Министерството за економија за нас е повеќе од добредојдена“.
|